Мајка Тарсо

Драг…

Да, вистина е, јас ја сретнав јуродивата (лудата) заради Христа, Тарсо. Всушност, јас поминав извесно време со неа во неколку прилики.

Кога имав 10 или 11 години го читав житието на света Ксенија, исто така јуродива заради Христа. Бев толку поучен и ми се разви посебен интерес за подвигот на јуродството заради Христа. Па така, кога имав 13 години, имав некоја идеа за тоа, што значи да се практикува ваков подвиг.

Во летото 1988 год., моето семејство беше на патување во Грција. Тоа беше по многу години, откако татко ми го напушти селото (Баница, Лерин), така што тој беше посветен на враќање и донесување на семејството. Па така, четворица од нас заминавме; моите родители, брат ми и јас. Мојата сестра веќе беше мажена во тоа време, па таа не дојде.

И така, поминавме 6 недели надвор од Канада. Стигнавме во Атина, каде што живееше тетка ì на мајка ми. Во текот на патувањето, поминавме една недела во Скопје, Битола и Охрид, исто така, и ги посетивме нашите роднини таму. Исто така поминавме неколку денови во Бугарија и Цариград со туристички автобус од Лерин.

Па така, слушнав дека постои некоја јуродива заради Христа во близина на викендичката на тетката на мојата мајка. Таа ги поминуваше летата во Кератеа, Атика. Тоа беше отприлика на еден час и половина возење од Атина.

Другите беа заинтересирани за забава, а јас бев заинтересиран за фокусирање на вистинските нешта. Како што реков, имав 13 години, и сè уште бев многу едноставен. Кога стигнавме во домот на тетката на мајка ми, тие ми ја покажаа малата куќарка каде што светителката го поминуваше најголемиот дел од времето. Па така, откако тие се вратија дома, јас се вратив и се помолив. „Па добро“, – си помислив, „ако е таа јуродива заради Христа, тоа значи дека е прозорлива, и света, па што и да ì кажам во моментов, таа ќе ме слушне!“ Па се помолив вака: „Драга Тарсо, те молам, ќе ме удостоиш ли да те видам? Сакам да видам светител!“

Наредниот ден, отидовме низ полињата. Првин поминавме покрај колибата на една стара калуѓерка која живееше во самотија. Се викаше Ангелина. Беше добро, но не доволно добро! Сакавме да видиме жив светител!

Па така, одевме уште понатаму, нагоре па надоле. Моравме да поминеме низ трње. И стигнавме до нашата крајна цел.

Јас бев шокиран!

Бев шокиран од првиот поглед на овој свет воин Христов. Ја погледнав и како да ме погоди нешто. Останав без зборови. И тогаш, не можев да кажам дали е маж или жена. Немав искусено нешто такво претходно. Убеден сум дека ова се случи бидејќи бев во присуство на ангел, некој што го надминал секој вид на сетилно искушение.

Ја поздравив целивајќи ì ја раката, а таа за возврат ни ги целиваше рацете на сите нас. По оваа прва средба, ја посетив неколку пати. Јас би ја посетувал дури и почесто, но не можев да бегам од дома, а и не би ме пуштиле.

Ја прашав многу нешта, и таа ми кажа многу нешта. Таа беше вистинското нешто! Жив светител! Слава на Бога! Каков впечаток. Какво прекрасно искуство. Слава на Бога!

По една година се упокои.

Уште ги паметам времињата кога седевме заедно, и зборувавме. Јас штотуку почнав да учам грчки во тој период и ја разбрав сè што ми кажа.

И, неколку години по нејзиното упокојување, еден грчки теолог напиша книга за неа со многу поучни раскажувања од нејзиниот живот. Кога го читате тоа, гледате дека читате за некој од древните светии. Настани како од житието на свети Андреј јуродивиот заради Христа. Надумни чуда. Таа примаше Света Причест од ангел. Имаше забележителен дар на прозорливост и пророштво. Немаше покрив неколку децении, сè додека конечно манастирот не ì изгради мала колиба. Во страшните бури таа стоеше надвор. Се сеќавам на еден момент: Имаше страшна снежна бура, така што никој не можеше да излезе, или да го напушти манастирот. По неколку недели, испратија тимови за да го најдат нејзиното мртво тело, бидејќи беа убедени дека таа е мртва (иако снегот сè уште беше висок). Конечно ја најдоа, и, ох, чудо, таа седеше долу на потполно сува земја, која ја опркужуваше на околу метар од сите страни, додека насекаде снегот сè уште беше многу висок!

По упокојувањето, нејзините мошти испуштаа благоухан мирис. Исто така многу чуда беа припишани на нејзините застапувања. Се сеќавам, откако беше напишана книгата, кога ја посетивме Грција (па дури и Кипар), каде и да одевме луѓето нè прашуваа дали сме го читале житието на света Тарсо!

Неодамна е напишано уште едно житие. Таа не беше фанатик, туку беше верна на стариот календар. Кога некој ја прашал, пред нејзиното упокојување, кој календар е точен, нејзиниот одговор бил: „Донеси ми го Минејот“ (Минеон – богослужбена книга во која се службите за секој ден, собрани во 12 делови, според месеците). Таа го прашала: „Што пишува тука?“ Одговорот беше: „Минеон“, се разбира. „Па така“, – рекла таа, „вели Ми-Неон (не нов), значи, не за новиот календар!“ „Но не се спелува така“ – бил одговорот! Се разбира, се спелува поинаку. Само јуродив заради Христа може да дојде до такво нешто!

Јас верувам дека таа е светителка. Беше напишана и служба за неа, и икони се насликани за неа. Со благодатта Божја, ние имаме нејзини мошти. Исто така, ние купивме сребрен реликвијар за нејзиниот череп што се чува во „Панагија“ женскиот манастир во Кератеа, Грција. Како што веќе реков, бројни чуда ì се припишани нејзе.

Да нè удостои Бог секогаш да го имаме нејзиното застапништво и да бидеме заштитувани преку нејзините молитви. Таа нека нè води во следниот живот, со Пресветата Мајка Божја.

Слава на Бога!

 

Во Христа,

+Епископ Димитриј

 

Преподобен Исаак Сириски

Triptych-St-Isaac
Човекот кој се посветил еднаш засекогаш на Бога го мине животот со спокоен ум. Без непосесивност душата не може да биде слободна од метежот на помислите; и без тишина на сетилата таа нема да го чувствува мирот на умот. Без влегување во искушенија ниту еден човек нема да ја стекне мудроста на Духот; и без упорно читање тој нема да знае за очистување на помислите. Без смирување на помислите, умот нема да биде пренесен во скриените таинства; и без довербата која доаѓа преку верата, душата не може да се осмели да им се спротивстави на искушенијата со цврстина. Згора на тоа, без реално искуство од Божјата заштита, срцето не може да се надева на Него; и ако душата не ги вкуси Христовите страдања свесно, таа никогаш не ќе има заедница со Него.

Преподобен Исаак Сириски
„Ascetical Homilies“,
Homily Five

Појавување на Знакот на Крстот

Појавувањето на Знакот на Крстот

на Нашиот Господ Исус Христос

близу до Атина во 1925 година

Се слави на 14 септември

Во раните 1900 год., и особено во 1920 год., во Грција и во Вселенската Патријаршија имаше на власт многу силни анти-Црковни и секуларни сили. Помеѓу активностите на овие сили, насила беше воведен Григоријанскиот календар. Григоријанскиот календар е адекватен за функционирање на бизнисот, Continue reading

Мајка Тарсо

tarso jurodiva

Мајка Тарсо – Јуродива заради Христа

Теодорос Ригиниотис

Мајка Тарсо е еден исклучителен и важен случај, кој пренесува во нашево време една древна Светлина, Светлината на преданието на јуродивите заради Христа (види претходно кај мајка Наталија од Вирица и старица Софија)! Јуродивите (Лудите) се светители кои се претставуваа како луди од крајно смирение, за да ја избегнат почитта од луѓето. Обично Бог советува некого „случајно“ да открие дека некој си, когошто сиот град го презира и исмева, којшто живее од милостиња, спие среде улица, се качува на црковниот амвон и фрла кршени ореви врз верниците или, пак, јавно јаде месо во Велигденскиот Пост, а реално е еден светител чудотворец кој е многу блиску до ангелите Божји! Така, историјата на секој јуродив е приказна на неговиот биограф. Во сета историја на христијанството се запишани неколку јуродиви светители; Грчката Црква почитува седум јуродиви: светиот Андреј, по потекло од Скитија (вистината за него ја знаел само свештеникот Никифор од црквата Света Софија во Цариград, кој бил негов духовник), светиот Симеон, светиот Теодор, светиот Павле, светиот Сава Ватопедски, светиот Теодул Кипарски и светата Исидора (живееше презрена од монахињите во женскиот манастир во Тавена, во Горен Египет; таму ја објави, по видение, великиот свет подвижник Питирим; но кога стана позната нејзината светост, таа исчезна и никој не дозна ништо повеќе за неа). Руската Црква почитува повеќе, мажи и жени, како што е преподобна Ксенија (1806) и други што ги спомнавме претходно. Главно јуродивоста се смета за дар на Светиот Дух, јуродивите тврдат дека имаат добиено силен призив од Христа и обидот за овој вид на искушеништво не може некој да го исполни ако го нема овој призив, бидејќи постои опасност навистина да се збудали. Но ете, на крајот од дваесеттиот век на технологијата се појави една жена, Continue reading

Старец Јоаким од Света Гора

Извадок од житието на Старец Јоаким од Света Гора

Невозможно е за оние кои ги поминуваат своите животи во постојано практикување на ноќни бденија да бидат оставени од Бога без големи дарови заради нивното бдеење, нивната будност на срцето, и внимателното насочување на нивните мисли кон Него. Душата која се труди во практикувањето на бденија и се надминува во тоа, ќе има очи на Херувим, така да може во секое време да гледа нагоре и да ги созерцува небесните работи.

– Свети Исаак Сириски

Дан. 12, 3: „И разумните ќе сјаат како светилата на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш“.

Мaт. 5, 16: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да го прослават вашиот Отец небесни“.

Мaт. 13, 43: „Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец, кој има уши да слуша, нека чуе!“

Имав четирнаесет години кога, откако отидов во црква една недела, јас првпат се поврзав со Старец Јоаким (иако тогаш не го знаев тоа). Во задниот дел на црквата, имавме копии од списанието на Светиот Синод од Грција. На последната страна на списанието, имаше еден дел посветен на споменот на Старец Нектариј „Духовниот отец“ од Света Гора. Во тоа време имав голема желба да Му го посветам мојот живот на Бога, посветување кое (во тоа време) беше помешано со желбата да го сторам тоа на Света Гора Атонска. Бев толку вљубен во Атонска Гора, што и самото име ми донесуваше топлина, мир, утеха и радост. Иако имав желба да одам на Атос, се надевав дека ќе најдам место што му припаѓа на нашиот Свет Синод. Во тој период, јас исто така му пишав на Архиепископот Авксентиј блажено-спомнуваниот, објаснувајќи му дека сакам да станам монах, и дека имам желба да одам на Атос. Пред да го добијам неговиот одговор, видов дека овој отец Нектариј бил од ќелијата на Свети Ефтимиј. Па така, јас го испратив моето прво писмо без да знам кој е старец на оваа ќелија, или дали воопшто има некој таму, туку полагајќи ја мојата надеж во Бога преку молитва. Меѓутоа мојата желба беше скришна, па така кога му пишував на кого било, барав во одговорот да не спомнуваат дека јас сакам да станам монах, за да не се случи моите родители да го отворат писмото и да ја прочитаат неговата содржина.

Тоа беше во текот на декемврискиот Божиќен распуст, кога јас го добив одговорот. Стигна додека бев во манастирот свето Преображение во Бостон. Кога се вратив дома, писмото ме чекаше.

Мојата радост беше неизглаголива. Самото писмо носеше силен здив на свеж Светогорски монашки воздух, како и силен впечаток дека кој и да го напишал ова, мора да е многу света личност; тоа содржеше благодат. Најмногу беше исполнето со добродетелта на љубовта, како што беа и сите негови писма. Јас имав навика да им пишувам на светилиштата и светите места просејќи молитви, и по некое време ќе добиев одговор; ниту едно од овие писма не се споредуваше со ова. Continue reading

АРХИЕРЕЈСКИОТ СИНОД

Архиерејскиот Синод (PDF)

На Руската Православна Задгранична Црква
18/31 демеври 1969 год.
73 East 93 St. New York 28, N.Y.

До Неговото Блаженство,
Блаженејшиот Авксентиј,
Архиепископ на Вистинските Православни Христијани во Грција

Ваше Блаженство,

Братското послание на Вашето Блаженство од 25 ноември 1969 год. беше од нас прочитано на заседание на Архиерејскиот Синод во полн состав.

Многу искушенија, какви што Православната Црква преживува од почетокот на својата историја, особено се силни во нашево лукаво време и затоа посебно се потребни соединувања помеѓу оние, кои вистински се предадени на верата на Отците. Со такви чувства ние сакаме да Ве известиме, дека Архиерејскиот Синод на Руската Православна Задгранична Црква ја признава валидноста на архиерејските хиротонии на вашиот претходник, блаженоупокоениот архиепископ Акакиј и следните хиротонии на епископите од вашата Света Црква. Во согласно со тоа и земајќи ги предвид различните други околности, нашиот Архиерејски Синод ја гледа Вашата Ерархија како браќа во Христа, кои се наоѓаат во потполно општење со нас. Благословот Божји да почива на сиот клир и верници од Вашата Црква, посебно во деновите кои доаѓаат на Раѓањето во плот на Господ и Спасителот наш Исус Христос.

Претседател на Архиерејскиот Синод,

Митрополит Филарет
Никон епископ Вашингтонски и Флоридски
Членови на Синодот:
Серафим. Архиеп. Чикашки и Детроитски
Виталиј, архиеп. Монреалски и Канадски
Антониј, архиеп. Лосанџелески и Тексашки
Аверкиј, архиеп. Сиракузки и Троицки
Антониј, архиепископ Западно-американски и Сан-франциски
Сава, епископ Едмонтски
Нектариј, епископ Сиетлски
Андреј, епископ Рокландски

Член на Синодот Секретар: Лавр, епископ Менхетенски

Изреки на Отците

Еден брат беше нападнат од страста на блудот.Тој стана ноќе, отиде кај еден старец и му ги исповедаше помислите. Старецот го утеши и тој се врати во својата ќелија укрепен. Но борбата почна пак во него. Тој повторно отиде кај старецот. И тој го стори ова повеќе пати. Старецот не го укори, туку му кажуваше за тоа, што би можело да му помогне, велејќи му: „Не попуштај, туку подобро доаѓај секој пат кога демонот војува против тебе“. И братот се справи со демонот посрамувајќи го, и тој исчезна штом беше омаловажен. Бидејќи, навистина, ништо не го прогонува демонот на блудот како откривањето на неговите дела, и ништо не го задоволува, како прикривањето на помислите.
– Изреки на Отците, Анонимна збирка, 32

Храната

Храната не е зло, но прејадувањето е. Телесните односи (сексот) не е зло, но блудот е. Парите не се зло, но алчноста е. Славата не е зло, но суетата е. Навистина, нема зло во постоечките нешта, туку само во нивната злоупотреба.
– Свети Максим Исповедник

Монашки …

Монашки „кавги“

Image

Послушникот на еден старец живееше во една колиба, десет милји оддалечена од скитот. Еден ден посака да го извести старецот да дојде да си го земе лебот. Но потоа помисли:

– „За неколку леба ли да го терам братот да оди десет милји? Ќе му ги однесам јас“.

Си ја стави торбата на вратот и тргна.

Одејќи, се сопна од еден камен и си направи толкава рана на ногата, што не можеше да ја сопре крвта. Од преголемата болка што ја чувствуваше почна да плаче.

– „Зошто плачеш, авва?“ – слушна зад себе некој сладок глас како го прашува.

Ја сврте главата и виде еден убав ангел.

Но не се исплаши, туку со прстот му ја покажа раната.

– „Престани да плачеш, за оваа ситна работа“, – му заповедаше ангелот. „Чекорите што ги направи заради љубовта кон братот ги имам изброено и ќе си ја добиеш наградата од Бога“.

Старецот се охрабри и радосен го продолжи патот.

Оттогаш претпочиташе да им служи на браќата.

Еден ден пак зеде лебови за да му однесе на некој друг пустиножител кој живееше многу подалеку. Но се случи да доаѓа и тој со истата цел и се сретнаа на патот.

– „Брате мој“ – рече првиот старец, – „со голем труд стекнав едно мало богатство и ти сакаш да ми го земеш“.

– „А што, тесната врата само тебе ли те собира, авва? Направи малку место за да поминеме и ние“ – му одговори братот.

Додека го зборуваа тоа, пак дојде ангелот и им рече:

– „Оваа кавга како благоухан ливан се издигнува кон небото“. (Од Старечникот)